Cüneyt Karadağ
17 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
БЕРЛИН (АА) - На социјалните медиуми се појавија големи критики затоа што Германија евакуираше само 7 лица со воениот товарен авион од типот „А400“ испратен во главниот град на Авганистан, Кабул, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Реагирајќи на неуспехот на Германија во операцијата за евакуација, Игор Левит, еден од познатите германски уметници, на својот профил на Твитер напиша: „Непополнувањето на авионот со луѓе сред оваа катастрофа е неспоредливо нечовечко. Тоа е срамота. Одговорни се тие што не разбираат што е војна. Немам повеќе зборови. Само седум луѓе, седум. Затоа што другите не биле на листата.“
Новинарот Хаснаин Казим, исто така, критикувајќи ја операцијата за евакуација, рече: „Здраво Федерална армијо, дали спасивте седум, само седум лица од Кабул, каде што имавте можност да слетате? Затоа што на листата ги имавте само тие луѓе? Дали сте сериозни?“
Друг корисник на социјалните медиуми нагласи: „Седум луѓе во празен авион. Другите не беа на списокот. Ова е хуманоста на Европската Унија. Ова се вашите христијански вредности.“
Од друга страна, во изјавата дадена од Министерството за надворешни работи се наведува дека од Кабул можеле да се евакуираат само 7 лица, а како причини за ова се наведува дека патиштата до аеродромот се опасни и дека луѓето што требало да се евакуираат не можеле да стигнат до аеродромот.
Во соопштението, меѓу другото, се нагласува дека ќе се вложат интензивни напори за продолжување на евакуацијата.
Се дознава дека по неуспехот на операцијата за евакуација, германските власти имале за цел во следната операција да евакуираат 200 лица во авионот „А400“, што е со капацитет од 135 лица.