Selman Aksünger
28 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
ХАГ
Во писменo соопштение Европол информира дека е целосно уништена хакерската мрежа за која се тврди дека „предизвикала загуби од милијарди долари во деловните активности низ светот“, известува Агенција Анадолија (АА).
Во операцијата спроведена под координација на Европол и Европската агенција за развој на судската соработка (Eurojust), поддршка од Европа дале полициските единици на Холандија, Германија, Франција, Литванија и Велика Британија.
Во соопштението се наведува дека експертите на Европол и Евроџаст во потполност ја презеле контролата врз инфраструктурата на автоматизираната армија (ботнет) наречена „Емотет“ (ботнет - голем број уреди поврзани во интернет-мрежа, од кои секој работи со еден или со повеќе ботови), која се користи во сајбернапади и обезбедува далечински пристап до компјутерите на други луѓе.
- Приведено е едно лице
Во операцијата спроведена во соработка со Федералното истражно биро на САД (ФБИ), приведен е еден канадски државјанин, член на мрежата.
Во соопштението се наведува дека притвореното лице го блокирало пристапот до компјутерските оперативни системи на институции и установи во САД, како што се училишта, општини и болници, оневозможувајќи им на корисниците пристап до нивните сопствени системи, сè додека не го платат утврдениот откуп.
Покрај тоа, членот на канадската мрежа запленил и крипто пари во висина од 500.000 долари.
- „„Емотет“ во моментов е најопасниот малициозен софтвер на глобално ниво“
Џејк Вилијамс, претседателот на компанијата за сајбербезбедност „Rendition Infosec“, изјави дека „Емотет“ работи поинаку од претходно познатите методи и во подрачјето на сајбернападите е во позиција на „менувач на играта“.
„„Емотет“ е најголемиот сервер за командна контрола во светот кој на своите жртви им испраќа околу 10 милиони спам-мејлови неделно“, рече Алан Лиска, аналитичар на компанијата за сајбербезбедност „Recorded Future“.
„На „Емотет“ се гледа како на ’моментално најопасниот малициозен софтвер на глобално ниво’. Распарчувањето на инфраструктурата на „Емотет“ претставува голем удар против меѓународниот организиран криминал преку интернет“, се вели во соопштението на Германската федерална полициска служба.
Се проценува дека оваа оперативна мрежа која дејствува на глобално ниво, со своите пиратски напади врз банките во САД и Европа, досега на своите жртви им нанела загуби од 2,5 милијарди долари.