İlker Girit
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Тригодишната истрага од страна на шпанската и бугарската полиција го прекина меѓународниот криминален синџир на трговија со млади жени, објави денес Европол, пренесува Anadolu Agency (AA).
Телото за спроведување на законот на ЕУ соопшти дека се уапсени 34 осомничени (26 во Шпанија и осуммина во Бугарија) и спасени се 13 жртви.
Жени од Бугарија, од ранливите категории, биле намамени во Шпанија со ветување за подобар живот, велат истражителите.
Тие биле принудени на криминал и на сексуална експлоатација, односно под притисок краделе пари од клиентите, кредитни картички и други скапоцени работи.
„Над жртвите на трговијата со луѓе и нивните семејства се применувани насилство и закани“, се додава во соопштението од Европол.
При претресот на 36 имоти во двете земји, од страна на безбедносните сили, запленети се околу 50.000 евра во готово (57.000 долари), луксузни часовници и значителна количина дрога. Судиите, исто така, наредија да се замрзнат голем број банкарски сметки.
Истрагата започна во септември 2014 година, кога Бугарка се појави во локалната полициска станица во Марбела, во јужниот дел на Шпанија, тврдејќи дека побегнала од лица кои ја принудувале на проституција.