Burak Bir
06 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
ИСТАНБУЛ
Египетските власти потврдија дека младиот египетски режисер и продуцент, Шади Хабаш, починал во затвор на југот на Каиро, јавува Агенција Анадолија (АА).
Египетското обвинителство соопшти дека Ханаш починал во петокот во затворот „Тора“ на југот на Каиро.
Соопштено е дека на телото на Хабаш немало модрици и лузни и дека младиот режисер случајно испил алкохол и почнал да чувствува абдоминални болки.
Се додава дека Хабаш, поради загуба на свеста и аритмија е хоспитализиран во затворската клиника каде што му се вршеле испитувања.
Опозициските извори во саботата соопштија дека младиот режисер починал поради лошите затворски услови.
„Режисерот и продуцент, Шади Хабаш, почина на 25. годишна возраст во затворот „Тора“ на југот на Каиро“, напиша на социјалните мрежи египетскиот пејач Рами Есам.
Веста за смртта на Хабаш ја потврдија и другите опозициски извори, вклучувајќи го и поранешниот египетски министер Мухамед Махсуб, активистката Аја Хијази и познатиот режисер Калед Јусуф.
Хабаш е уапсен во март 2018 година поради обвинение дека ширел лажни вести и ѝ се приклучил на терористичката организација.
Неговото апсење следуваше еден месец откако Есам ја објави сатиричната нумера „Балаха“ во која го критикуваше египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси. Спотот за песната го режираше токму Хабаш.
Арапската мрежа за човекови права соопшти дека Хабаш починал од последиците од лошите услови и неправда во текот на повеќе од две години престој во темница.
Хабаш наводно во октомври минатата година напишал писмо во кое барал помош и поддршка.
„Затворот не убива, но убива осаменоста. Две години издржав, но не можам повеќе“, се наведува во писмото на Хабаш кое е објавено во медиумите, но АА сѐ уште не може да ја потврди неговата веродостојност.
Според податоците на организацијата „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch), во египетските затвори се наоѓаат околу 60.000 политички затвореници.