ИСТАНБУЛ (AA) – Помина точно една година откако во судница почина Мухамед Морси, првиот демократски избран претседател на Египет, пишува Агенција Анадолија (АА).
Морси почина на 17 јуни 2019 година, четири години и еден ден откако му е изречена смртната казна. Информацијата за неговата смрт прва ја пренесе египетската државна телевизија. Притоа кажано е дека 67-годишниот Морси се онесвестил во текот на судењето за шпионажа, а дека потоа починал.
Главниот обвинител Набил Садик соопшти дека Морси паднал по излагањето и дека немало никакви рани на телото.
Првата реакција по информацијата за смртта пристигна од Партијата за слобода и правда, политичкото крило на Муслиманско братство. Во соопштенето на партијата е наведено дека египетските функционери го убиле Морси намерно и постепено.
Наведено е и дека повеќе од пет години Морси го држеле во самица и му оневозможиле пристап до лекови, како и контакт со семејството и со адвокатот.
Партијата ги повика приврзаниците на Морси на протести пред дипломатските претставништва на Египет во земјите во кои се наоѓаат, а „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) побара независна истрага.
Условите во затворот во кој престојуваше Морси беа крајно неприфатливи, држен е во самица, на што повеќепати укажуваа активистите за човекови права.
Покрај тоа, британска комисија во март 2018 година подготви извештај за условите во затворот во кој престојуваше Морси.
„Морси кој 23 часа поминува сам во ќелија, се наоѓа во лоши, нехумани услови и нечесно однесување кое би можело да се смета и за измачување. Тоа што не му е овозможена медицинска помош, би можело да доведе до негова предвремена смрт“, предупредено е тогаш.
Најмладиот син на Морси, Абдула, во октомври 2018 година предупреди дека неговиот татко има здравствени проблеми со покачен крвен притисок и дијабетес, и дека не прима соодветна терапија.
Абдула Морси во текст кој го објави американскиот „Вашингтон пост" (Washington Post) истакна дека египетските функционери „намерно го прават тоа и сакаат што поскора смрт на неговиот татко по природен пат“.
Контактот на Морси со неговото семејство дозволуван е во неколку наврати по подолги паузи. Последната средба пред смртта е дозволена во октомври 2018 година. Тогаш е овозможен контакт само со ќерката и сопругата, но не и со синовите и внуците.
Медиумите кои во потполност се под контрола на власта во Каиро и приватните медиуми ги игнорираа информациите за смртта на Морси.
Најпродаваниот весник во Египет „Ахрам“, за случајот соопшти на четвртата страница со наслов „Почина Мухамед Морси“. Во веста не се користени термини како „поранешниот претседател или соборениот претседател“.
Администрацијата во сите медиуми испрати текст кој требаше да биде напишан или во етерот прочитан во врска со смртта на Морси.
Најмногу реакции, кога станува збор за меѓународната арена, пристигнаа од Турција. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за Морси рече дека станал шехид по Божја волја.
Ердоган веднаш по сознанието за смртта на Морси даде изјава за медиумите.
„Пред сѐ, нека е милост на душата на нашиот брат Морси, нашиот шехид“, рече Ердоган меѓу другото.
Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, на социјалната мрежа Твитер напиша дека нема да биде заборавен ставот на Морси.
Изјавите на високопозиционираните функционери и известувањето на медиумите од Турција ја вознемирија администрацијата на Абдел Фетал ал Сиси.
Египетската администрација, ден по смртта на Морси, оневозможи пристап на веб-страниците на Агенција Анадолија (АА) и ТРТ низ Египет.
Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Египет, Ахмед Хафиз, на 19 јуни ја критикуваше Турција и Ердоган, иако не ги именуваше. Ден подоцна, министерот за надворешни работи, Самех Шукри, упати соопштение и нови критики.
Морси е погребан веднаш по смртта, следното утро во пет часот, а на погребот присуствуваа неговиот адвокат, сопругата на Морси, децата и двајца браќа.
news_share_descriptionsubscription_contact
