АНКАРА
Маунг Зарни, академик што живее во Велика Британија и што е експерт за Мјанмар, истакнувајќи дека воениот удар во Мјанмар предизвикал промена на националната свест за муслиманите Рохинџи.
Во специјалното интервју за Агенција Анадолија (АА), Зарни истакна дека од 1 февруари, кога Армијата ја презеде власта во Мјанмар, на социјалните мрежи голем број луѓе им се извиниле на муслиманите од Аракан.
„Огромното мнозинство демонстранти на улиците во Јангон им се извинува на муслиманите од Аракан и изјавува дека Армијата ги излажала“, рече академикот Зарни.
Истакнувајќи дека воениот удар во Мјанмар предизвикал промена во националната свест, академикот Зарни додаде: „Муслиманите од Аракан, кои со години беа прогонувани, овие денови се чувствуваат безбедно во Јангон.“
Изјавувајќи дека имало и знаци дека некои од оние што протестирале против воениот удар биле од Аракан, Зарни рече дека тоа би било незамисливо пред два месеца и дека оваа ситуација им го отворила патот на муслиманите од Аракан да се вратат во своите земји.
Зарни наведе дека Мјанмар е сведок на целосна трансформација за време на протестите против пучот, бидејќи граѓанското општество ја гледа воената хунта како егзистенцијална закана за земјата.
Исто така, Зарни истакна дека „Татмадау“, кое е официјалното име на Армијата на Мјанмар, е одговорна за убиствата, насилствата и за уништување на јавната и приватната сопственост.
Зарни истакна дека проблемите во односите меѓу Армијата и де факто лидерката на земјата и министер за надворешни работи, Аунг Сан Су Чу, започнале кога Владата започнала да ја намалува контролата на Војската врз цивилните области и извршила ревизија на проектите што се во вредност од милијарди долари.
Наведувајќи дека тековното движење против воениот удар ги зело предвид политичките упатства на Претставничкиот комитет на Националното собрание (CRPE), основан од пратениците кои се против пучот, Зарни истакна дека протестите против пучот биле крајно мирни и целото уништување е извршено од страна на Армијата.
Меѓу другото, Зарни рече дека јавноста сега ги гледа вооружените сили како „терористи кои се обидуваат да ја уништат демократската реторика со употреба на оружјето кое го поседуваат“.
- „Пучот во Мјанмар не може да се објасни со еден фактор“
Посочувајќи дека пучот во Мјанмар не може да се објасни со еден фактор, Зарни рече:
„За 30 години, од 1990 година, Војската одржа три општи избори. Во 2010 година Националната лига за демократија (НЛД) и Аунг Сан Су Чу ги бојкотираа изборите. Но, на сите други одржани избори Националната лига за демократија (НЛД) и Аунг Сан Су Чу ја победија Армијата. На последните избори во ноември 2020 година покрај тоа што ја поразија Армијата, убедливо ја победија и Унијата за солидарност и развој (USDP), поддржана од Војската.“
Наведувајќи дека Војската отсекогаш се противела на овие избори, користејќи ги своите политички претставници и поранешни генерали, Зарни рече дека Армијата одлучила дека не може да ја победи Националната лига за демократија (НЛД) сè додека на чело се наоѓа Аунг Сан Су Чу.
Зарни истакна дека Аунг Сан Су Чу ја презела контролата над Канцеларијата за општа администрација (GAD), важна административна организација, од Министерството за внатрешни работи и рече дека тогаш Владата започнала да се справува со некои репресивни закони и да работи на законските реформи што биле стопирани поради спротивставувањето на Армијата.
„Друга причина е дека Владата го контролираше Министерството за финансии и планирање. Армијата мораше да му го претстави својот буџет на тоа министерство. Тоа изврши огромен притисок врз Армијата, која се обидува да избегне таква контрола на буџетот повеќе од половина век“, нагласи Зарни.
- Воениот удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.
Турција го осуди пучот, а различни реакции и критики во врска со пучот упатија и земјите од Западот.
Жителите на Мјанмар на 6 февруари започнаа демонстрации со барање за враќање на демократијата во земјата.
Додека продолжуваат демонстрациите, продолжува и судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.