Servet Günerigök
20 Септември 2021•Ажурирај: 21 Септември 2021
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, нарекувајќи ја знаменитата зграда ремек-дело, официјално го отвори Центарот „Туркеви“ (Турска куќа) во Њујорк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на свеченото отворање, Ердоган порача дека Центарот „Туркеви“ во Њујорк ќе биде воедно и одраз на позицијата на Турција во меѓународната заедница во времето на одбележувањето на стогодишнината од основањето на Републиката.
„Горди сме на новиот центар. Турција со ова дело уште еднаш ја покажа својата големина и растечката сила“, рече турскиот претседател.
На свеченоста присуствуваа генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, и голем број други официјални претставници и гости.

Во зградата ќе бидат сместени и Постојаното претставништво на Турција при Обединетите нации (ОН) и Генералниот конзулат на Турција во Њујорк.
Станува збор за зграда купена од американскиот ИТ гигант ИБМ во 1977 година благодарение на напорите на тогашниот турски министер за надворешни работи Ихсан Сабри Чаглајангил.
До 2013 година, зградата служеше како Постојано претставништво на Турција при ОН и Генерален конзулат на Турција во Њујорк.

Сега на тоа место е изграден облакодер од 35 ката во согласност со активната надворешна политика на Турција, што секако го зголеми угледот и потребите на официјална Анкара во текот на последните две децении.
Новата зграда висока 171 метар и зафаќа површина од околу 20.000 квадратни метри, се наоѓа спроти зградата на ОН и Постојаното претставништво на САД при ОН.
Зградата, меѓу другото, има бројни сали за состаноци и изложби, паркинг и други пропратни простории.
Проектот на зградата „Туркеви“ (Турска куќа) го дизајнираше американската архитектонска компанија „Перкинс Истман“. Главниот архитект Џонатан Старк го осмисли конечниот изглед на зградата откако ја посети Турција за да ги види тамошните архитектонски достигнувања.

Зградата, осмислена во духот на традиционалните турски архитектонски мотиви, се издига во висина, во форма на лале, и може да се види и од централниот дел на Менхетен, Ист Ривер и Лонг Ајленд Сити.
Зградата е дизајнирана како облакодер што дополнително ќе ја збогати препознатливата силуета на Њујорк, еден од најважните светски градови, а ќе ја одразува и турската култура, историја и нејзината разновидност.
Самиот влез на зградата е инспириран од архитектурата на селџучките и османлиските караван-сараи, односно места каде што се наоѓале преноќишта за учесниците во караванот на нивното долго патување.
Зградата содржи и систем за складирање, собирање и користење на дождовница, го поседува и сертификатот „Leed Silver“ во рамките на зелена зграда и има карактеристика на облакодер кој е еколошки прифатлив.
Зградата „Турска куќа“ со своите карактеристики и новитети сигурно може да стане една од култните згради во Њујорк. Во изградбата на зградата работеше турско-американската партнерска компанија.