Ekipa
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
БЕРЛИН (АА) - Германските истражители потврдија дека истрагата за падот на авионот на германската низскобуџетна компанија „Германвингс“, кој во 2015 година се урна во француските Алпи, е завршена речиси две години по несреќата во која загинаа 150 патници и членови на екипажот, пренесува Anadolu Agency (АА).
Германскиот обвинител Кристоф Кумпа денес соопшти дека истрагата е затворена и оти нема индикации дека некој друг, освен ко-пилотот Андреас Лубиц бил вклучен во намерното соборување на авионот.
Лубиц на 24 март 2015 година се заклучи во пилотската кабина на „Германвингс“ и го урна авионот.
Обвинителите од Дизелдорф објавија дека претходно во домот на Лубиц пронашле медицинска документација што укажува на тоа дека тој бил болен и дека добивал соодветна медицинска помош. Подоцна беше потврдено дека германскиот ко-пилот страдал од депресија, но тоа го криел од својот работодавач.
Авионот на „Германвигс“ Ербас А320 се урна во близина на местото Барселонет, во 10:52 часот по локално време, летајќи на линијата од Барселона до Дизелдорф. Во авионот се превезуваа 150 лица, од кои 144 патници и шестмина членови на екипажот.
Падот на авионот на „Германвингс“ е еден од најтрагичните настани што некогаш се случиле во историјата на германската авијација и прв пад на авион на „Германвингс“ од 2002 година, кога компанијата беше основана.
Тоа исто така беше прва несреќа на француско тло од 25. јули 2000 година, кога авионот „Конкорд“ на „Ер Франс“ удри во еден хотел во Гонес, кратко по полетувањето од аеродромот во Париз.
Француските власти спроведоа посебна истрага за причината на несреќата.