Adem Şalvarcıoğlu
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
ЏАКАРТА (АА) - Во Индонезија годинава ќе бидат затворени интернет-страниците кои објавуваат содржини што содржат говор на омраза, расизам и радикализам, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата соопшти дека ќе формира посебен тим што ќе ги истражува интернет-страниците и во чии објави се видливи говорот на омраза, расизмот и радикализмот, и кои од безбедносна гледна точка се голема закана.
„Со напредокот на технологијата, луѓето денес можат преку телефон да дојдат до многу информации. Покрај тоа, на интернет-страниците постојат многу лажни и погрешни информации. Индонезија е мултикултурна земја. Ако не се запре ширењето на дезинформациите, во нашата земја може да има поделба“, рече претседателот на Индонезија, Џоко Видодо.
Тој повика на единство против интернет-страниците што имаат за цел да го срушат единството на земјата.
„Во Индонезија постојат 34 провинции, 1.100 локални јазици, припадници на 700 племиња и различни религии. Ова е богатството на нашата земја. Треба да бидеме обединети против оние што со дезинформации на социјалните мрежи сакаат да внесат нестабилност“, рече Вододо.
Советот на Улема Индонезија (MUI) истакнува дека затворањето на 11 страници со религиозна содржина предизвикало вознемиреност.
Во соопштението се истакнува дека ограничувањето на страниците со исламска верска содржина е чувствителна тема и дека ќе разбуди реакција кај муслиманите. Тие истакнуваат дека Министерството за информации и комуникација се фокусира само на исламските интернет-страници, а дека не ги ограничува другите верски содржини со расистичка и провокативна содржина.
Министерството во ноември минатата година затвори 11 страници со исламска верска содржина поради поттикнување верска и социјална поделба.