Riyaz Khaliq Khaliq
03 Април 2024•Ажурирај: 04 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на загинати во силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени, кој рано утрово го погоди источниот брег на Тајван, се искачи на девет, а стотици се повредени, јавува Анадолу.
Сите загинати се пријавени во источниот округ Хуалиен, што главно било последица на одрони на карпи на автопатиштата, а повредени се пријавени во повеќе области, меѓу кои и главниот град Тајпеј.
Бројот на повредени се искачи на 821, објави ТВБС Њуз.
Операциите за пребарување и спасување продолжуваат, додека во Тајван се регистрирани уште 127 последователни потреси.
Има јавувања дека околу 1.000 лица се заробени во националниот парк Тароко во Хуалиен.
Земјотресот е најсилниот што ја погодил островската држава во последните 25 години. Околу 2.400 луѓе загинаа во 1999 година кога земјотрес со магнитуда од 7,7 степени според Рихтер го погоди Тајван среде ноќ.
Претседателката Цаи Инг-вен нареди војската да биде распоредена во погодените области.
Војниците со опрема за пребарување и спасување и багери за отстранување отпад работат во погодените области.
- Влијанието на земјотресот „треба да биде релативно локализирано“ -
Американскиот геолошки институт (USGS) објави дека епицентарот на земјотресот бил на 18 километри јужно од градот Хуалиен.
Се наведува дека „се можни жртви и штети, но ударот треба да биде релативно локализиран“.
Централната метеоролошка управа на Тајван (CWA) соопшти дека земјотресот бил со магнитуда од 7,2 степени и го погодил брегот на округот Хуалиен во Источен Тајван во 7:58 часот утрово (2358 GMT вторник).
Се додава дека по 13 минути островската држава ја погодил уште еден земјотрес со магнитуда од 6,5 степени.
Видеоснимките на локалните медиуми покажуваат како некои згради во градот се уриваат поради земјотресот што е регистриран на длабочина од 34,8 километри.
Има јавувања за луѓе затрупани во урнатите згради.
Централната метеоролошка управа на Тајван, исто така, издаде предупредување за цунами во северните региони на островот по земјотресот што предизвика и лизгање на земјиштето.
- Летовите откажани, патиштата оштетени -
Погодени се метро-линиите во главниот град Тајпеј и областите Таичунг и Каосиунг, а луѓето во крајбрежните области се подготвуваат за евакуација поради страв од високи бранови.
Некои летови до и од Тајван се откажани, а пријавени се три повредени лица на Корпорацијата на меѓународниот аеродром Таојуан, каде што исто така има одредени оштетувања.
И училиштата во погодените области ја прекинаа наставата, а оштетена е и електричната мрежа во многу области.
Некои градови и населени места во Хуалиен се отсечени поради оштетените патишта и мостови.
Има опасност од повторливи потреси во следните неколку дена.
Тајванските технолошки компании, исто така, евакуираа илјадници луѓе. Секое влијание на земјотресот врз технолошкиот сектор најверојатно ќе предизвика прекини во снабдувањето со чипови.
Во меѓувреме, тајванската Комисија за нуклеарна безбедност соопшти дека единствената активна нуклеарна централа на островот „работи вообичаено“.
Земјотресот предизвика мали бранови од цунами што стигнаа до Југозападна Јапонија, поради што сега е намалена тревогата за високи бранови.
По земјотресот Кина соопшти дека е „многу загрижена“ и дека е „подготвена да обезбеди помош при катастрофи“.
Исто така, по земјотресот Филипини издадоа предупредување за цунами во четири области во северниот дел на Лузон.