Mehmet Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Adham Kako
15 Февруари 2020•Ажурирај: 17 Февруари 2020
ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - БУРАК КАРАЏОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА -
Врнежите од снег и студот што ги зафатија северните делови на Сирија, негативно влијаат врз животот на цивилите кои останаа без покрив над главата поради Асадовиот режим и неговите поддржувачи, а семејствата очекуваат помош што ќе ги загрее нивните шатори и деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Студот и врнежите од снег, што го зафатија северниот дел на Сирија, уште повеќе го отежнуваат животот на стотиците илјади раселени цивили.
Меѓу местата погодени од студот и врнежите од снег е и подрачјето на Хирбат во југозападниот дел на Идлиб, каде што се сместени околу 30.000 цивили раселени поради нападите на Асадовиот режим и неговите поддржувачи.
Снегот ги покри шаторите во кои се засолнети цивилите, а некои оштетени шатори се уништени. Цивилите се соочуваат со тешки услови на овие ниски температури и бараат начини како да се згреат.
Семејствата, кои сакаат да обезбедат греење за нивните деца, решението го наоѓаат во палење на алиштата што ги носеле со себе.
Муса Ебу Решит, кој живее во кампот „Еџ Џевз“ во Хирбат, во изјавата за АА истакна дека местото каде што се засолнети е многу студено и има врнежи од снег.
„Дел од шаторите се уништени поради интензивните врнежи од снег, патиштата се заглавени. Оние што сакаат да ги обезбедат своите потреби, не можат да излезат од шаторите. Децата не можат да одат во училиште. Всушност, најголемиот проблем е тоа што нема доволно средства за греење на овие лица. Тешките зимски услови ги зголемуваат и страдањата на семејствата“, рече тој.
Ебу Решит нагласи дека семејствата, кои во шаторите живееле и пред врнежите од снег, се греат со дрвата што ги собрале, и додаде: „Моментално нема дрво, додека цените на горивата се многу скапи. Од Бога посакувам да се стави крај на страдањата на овие луѓе.“
Од друга страна, Фирас Ебу Мухамед, кој исто така живее во кампот, рече дека немаат горива или други средства со кои би се грееле.
Тој истакна дека некои шатори се оштетени, и дека од надлежните органи очекуваат да направат некои чекори во врска со тоа.
Ебу Мухамед нагласи дека загревањето на шаторите во кои живеат е единственото нешто што го посакуваат, и рече: „Децата се разболеа од студот и бурата од снег.“
- Не се однесуваат во согласност со договорите од Астана и Сочи
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата. Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана што се одржа на 4-5 мај 2017 година, на којшто учествуваа Турција, Русија и Иран, формирани се четири деескалациски зони, Идлиб и околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра). Но режимот и терористите поддржани од Иран, и покрај одлуката за прекин на огнот, благодарение на руската поддршка од воздух, од четирите зони, освен Идлиб, ги зазедоа сите територии.
Во септември 2018 година, кога силите на режимот ги интензивираа воените активности, Турција и Русија на 17 септември 2018 година во Сочи постигнаа дополнителен договор, со цел зацврстување на примирјето. Кус период владееше примирје, а силите на режимот во мај 2019 година започнаа копнена операција со цел потполно заземање на целиот регион. Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, на 10 мај 2019 година изјави дека поради зголемените напади од страна на режимските елементи јужно од Идлиб, вооружените притисоци започнати на 6 мај преминале во копнена операција.
Од тој период наваму, силите на режимот и неговите поддржувачи преку артилериски и воздушни напади ги зазедоа големите градови Кефренбуде, Хан Шејхун, Мараатинуман, Серакиб и голем број населени места во јужните и југоисточните предели на Идлиб, северните и источните рурални предели на Хама и јужните и западните рурални предели на Алепо.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција во Сочи досега, во нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили. Од јануари 2019 година, бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција се зголеми на 1 милион 794 илјади.