Ekipa
27 Декември 2020•Ажурирај: 28 Декември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел планира да одобри илјадници станбени единици во окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, во јануари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелскиот канал КАН објави дека Израелскиот висок совет за планирање и изградба - државниот орган што ја надгледува изградбата на населбите - ќе се состане во наредните две недели за да ја одобри изградбата на илјадници станбени единици на окупираните територии.
Каналот јави дека плановите се веќе подготвени и се чека одобрување од Советот, додавајќи дека израелските власти планираат да ја одобрат изградбата пред пристигнувањето на Бајден во Белата куќа на крајот на јануари.
Израелската група „Мир сега“ соопшти дека активностите за изградба на станбените единици се двојно зголемени во окупираните палестински територии во последните четири години, за време на мандатот на американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп.
Меѓународното право ги смета Западниот Брег и Источен Ерусалим за окупирани територии, а сите активности за изградба на еврејски населби за незаконски.