Mohammad Sıo
08 Ноември 2024•Ажурирај: 09 Ноември 2024
ГАЗА (АА) - Уште најмалку 39 Палестинци се убиени во израелските напади во Појасот Газа, со што вкупниот број на убиени од октомври минатата година достигна 43.508, соопшти денес Министерството за здравство во енклавата, јавува Анадолу.
Министерството додаде дека најмалку 102.684 Палестинци се повредени во тековниот напад.
„Израелските сили убија 39 луѓе, а повредени се 123 во три масакри на семејства во последните 24 часа“, соопшти Министерството.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, нагласи Министерството.
Не почитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот, Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Израелската офанзива го расели речиси целото население на територијата поради тековната блокада што доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Напорите за посредување предводени од САД, Египет и Катар за постигнување договор за прекин на огнот во Газа и размена на заробеници меѓу Израел и Хамас не успеаја поради одбивањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја запре војната.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите дејствија во Газа.