Израелските доселеници рано утринава нападнаа три палестински села на Западниот Брег, при што запалија домови и возила и нападнаа возрасна жена, додека израелските сили извршија рации во неколку области на окупираната територија, јавува Анадолу.
Во Џалуд, јужно од Наблус, во северниот дел на Западниот Брег, голема група доселеници нападнаа два дома во сопственост на семејството Ал-Тубаси и ги запалија, само по неколку часа откако семејството се вратило во нив, согласно со одлука на израелски суд, по речиси два месеца раселување, изјавија локални извори за Анадолу.
Во пожарите е причинета голема материјална штета на двата дома, а нападот предизвикал паника меѓу жителите, рекоа тие.
Жителите се обиделе да им се спротивстават на доселениците пред да пристигнат голем број припадници на израелската Армија на местото, додадоа изворите.
Според нив, израелските сили не го прекинале нападот, туку им обезбедиле заштита на доселениците и испратиле дополнителнo военo засилувањe во областа.
Силите, исто така, ги принудиле членовите на семејството Ал-Тубаси повторно да го напуштат домот под закана со оружје, додадоа изворите.
Махмуд ал-Тубаси, сопственик на еден од домовите, за Анадолу изјави дека семејството се вратило согласно со судската одлука, но затекнало големо уништување предизвикано од доселениците, кои ја презеле сопственоста и им го оневозможиле пристапот на сопствениците.
„Доселениците се вратиле во текот на ноќта и го запалиле домот, целосно уништувајќи го и правејќи го непогоден за живеење“, додаде тој.
– Ескалација на нападите –
Во Кариут, исто така јужно од Наблус, израелските доселеници нападнале возрасна Палестинка откако провалиле во нејзиниот дом, соопштија локални извори.
На видеоснимката што ја направил волонтерскиот медицински работник Башар ал-Кариути се гледа дека жената има модринки на раката и главата.
Таа изјавила дека група доселеници ја скршиле вратата од домот и ја нападнале.
Во Ал-Мугајир, североисточно од Рамала, во централниот дел на Западниот Брег, израелските доселеници извршиле напад на палестински домови и имот додека израелските воени сили вршеле рација во селото и привеле млад човек.
Нападот бил насочен кон три домови, додека напаѓачите запалиле уште еден дом во сопственост на Палестинец кој се наоѓа во притвор, изјавија очевидци за Анадолу.
Доселениците, исто така, запалиле шест возила, од кои три биле делумно оштетени од пожарот, додека другите три биле целосно уништени, рекоа очевидците.
Во август, американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, ги опиша израелските доселеници кои вршат насилство врз Палестинците на окупираниот Западен Брег како „терористи“, предупредувајќи дека таквите дејствија сериозно му штетат на имиџот на Израел.
Во јуни, 14 специјални известувачи на ОН предупредија дека наглото зголемување на „теророт на доселениците“, со државна поддршка и соучесништво на окупираната палестинска територија, претставува егзистенцијална закана за палестинските заедници.
Според Палестинската комисија против колонизација и отпор кон Ѕидот, доселениците извршиле 628 напади низ Западниот Брег, вклучително и во окупираниот Источен Ерусалим, во август.
Според официјалните палестински податоци, околу 750.000 израелски доселеници живеат на Западниот Брег, вклучително и во окупираниот Источен Ерусалим, во 194 нелегални населби и 400 испостави.
Од почетокот на израелската војна во Газа во октомври 2023 година, израелските сили и доселениците ги интензивирале нападите низ Западниот Брег, вклучително и во окупираниот Источен Ерусалим, при што се убиени 1.206 Палестинци, околу 13.350 се повредени, а повеќе од 24.600 се приведени, според палестинските податоци.