İlayda Çakırtekin
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Неколку средни училишта низ Франција денес беа блокирани, при што се зголемија тензиите меѓу дел од учениците и безбедносните сили, објави телевизијата БФМТВ, пренесува Анадолу.
Меѓу погодените во утринските часови, според наводите, биле средни училишта во Париз, Сен Дени, Гренобл и Лил.
Париската образовна управа за БФМТВ соопшти дека обиди за блокада биле регистрирани во речиси 10 од вкупно 90 средни училишта во главниот град.
Во меѓувреме, тензиите се зголемија во училишниот комплекс „Парк-Империјал“, најголемиот комплекс со основно и средно училиште во департманот Алп-Маритим, со околу 3.000 ученици.
Откако средношколците се обиделе да го блокираат влезот во училиштето и запалиле електрични велосипеди, интервенирале полицијата и пожарникарите.
Интервенцијата довела до конфронтација меѓу голема група ученици и припадниците на безбедносните сили, кои биле гаѓани со предмети. Полицијата подоцна употребила солзавец за да ги разбрка учениците.
Се очекува „многу силно и одлучно“ присуство на безбедносните сили пред училиштата, додека средношколците во регионот Ил-де-Франс продолжија со мобилизацијата по протестите во текот на изминатата недела.
Учениците протестираат поради пренатрупаните паралелки и распоредите, како и недостигот од наставници.
– Се очекува штрајк во јавниот сектор –
Додека учениците продолжија да се мобилизираат пред училиштата, претставничките синдикати во јавниот сектор исто така повикаа на штрајк денес со цел да извршат притисок врз Владата само неколку дена пред објавувањето на буџетот за 2027 година.
Планирани се околу 170 протести, меѓу кои во Ница, Марсеј, Париз и Тулуз, а се очекува да бидат распоредени и безбедносни сили.
Генералната дирекција за цивилно воздухопловство на Франција, исто така, наводно побарала авиокомпаниите да го намалат бројот на летови на аеродромите „Париз-Шарл де Гол“ и „Марсеј-Прованса“.