Ahmed Asmar
24 Октомври 2023•Ажурирај: 24 Октомври 2023
КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот претседател Исак Херцог денес изјави дека Израел не сака војна на северната граница со либанската група Хезболах, јавува Анадолу.
На заедничката прес-конференција со својот француски колега Емануел Макрон, кој престојува во посета на Израел, Херцог изјави: „Хезболах си игра со оган. Сакам да разјаснам дека не бараме конфронтација на нашата северна граница.“
„Но, ако Хезболах нè вовлече во војна, треба да биде јасно дека Либан ќе ја плати цената“, предупреди Херцог.
Пограничните судири меѓу Хезболах и израелските сили уследија по конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври. Војната започна кога палестинската група Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“, повеќестран ненадеен напад со бараж лансирани ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух.
Групата наведе дека упадот е одмазда за рациите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Израелската војска потоа ја започна операцијата „Железни мечеви“ против позициите на Хамас во Појасот Газа.
Министерството за здравство во блокираната енклава соопшти дека бројот на загинати Палестинци во тековните израелски воздушни напади врз Појасот Газа се искачил на 5.087. Од жртвите 2.055 биле деца, 1.119 жени и 217 стари лица. Министерството додаде дека повредени се вкупно 15.273 лица.
Според израелските власти, во нападите на Хамас, од 7 октомври загинале над 1.400 Израелци.