Esat Fırat
05 Август 2021•Ажурирај: 07 Август 2021
КУДС
Израелската војска повторно го сруши палестинското село Аракиб во пустинскиот регион Негев во јужниот дел на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за едно од вкупно 45-те бедуински села на кои израелските сили не им дадоа статус на населено место, им ги ускратија сите услуги и им се закануваат со траен прогон.
Членот на Месниот одбор за одбрана, Азиз ал Тури, за АА изјави дека тоа е 191. пат израелските сили да го срушат селото во кое живеат 22 семејства, односно нешто повеќе од 80 Палестинци кои имаат и државјанство на Израел.
Израелската администрација наведува дека селото е изградено нелегално и дека треба да биде срушено. Граѓаните, од друга страна, наведуваат дека станува збор за наследство на нивните предци кое датира уште од пред основањето на Израел.
Некогаш во Аракиб живееја повеќе од 3.000 бедуини, а во тоа место, покрај гробовите на предците, некогашниот водач на бедиунскиото племе Ал Харби купи земја и на почетокот на 1900 година го изгради селото. Сопственоста на имотот и статусот на селото ги признаа османлиските власти, но и британските окупатори. Меѓутоа, сегашните израелски власти ги оспоруваат имотите на бедуините и имаат намера да ги национализираат.
Локалните жители се спротивставуваат на израелската окупација и ги негираат израелските обвинувања за илегална изградба на селата, нагласувајќи дека тие го наследиле селото од предците што ја изградиле населбата таму многу време пред да настане Израел.
Селото се состои од објекти изградени претежно од дрво, што е случај со повеќето бедуински села во пустината, а локалното население, навикнато на разурнувачките походи на израелските булдожери, веќе има подготвено поголем дел од материјалите за повторна изградба.