Ekipa
12 Ноември 2019•Ажурирај: 13 Ноември 2019
ГАЗА (АА) - Во Газа се погребани командантот на палестинското движење „Исламски џихад“ и неговата сопруга, кои се убиени во синоќешниот напад на израелските воздушни сили, јавува Anadolu Agency (AA).
- Израелските сили го убија командантот на движењето „Исламски џихад“ во Газа -
Израелските сили синоќа извршија напад на семејната куќа и го убија командантот на бригадите Ал Кудс, Баха Абу ал Ата и неговата сопруга.
Илјадници Палестинци присуствуваа на последното испраќање на убиениот Ал Ата и ги повикаа палестинските движења на отпор и жестоко да одговорат на израелскиот напад.
Лидерот на палестинското движење „Исламски џихад“, Халид ал Батш, порача дека смртта на Ал Ата нема да остане без одговор.
„Ништо нема да нѐ стави во двоумење во намерата да одговориме на убиството“, порача Ал Батш и додаде дека Израел ќе ја плати цената за синоќешниот напад.
Тој истакна дека бригадата Ал Кудс не е сама, туку дека ја поддржуваат сите палестински групи на отпорот, вклучувајќи ја и бригадите на Хамас, Изедин ал Касам.
Припадниците на палестинското движење „Исламски џихад“ денеска извршија низа ракетни напади на територијата на Израел.
Израелските сили утринава извршија воздушен напад и на сириското биро на „Исламски џихад“ во Дамаск.
Цел на нападот беше куќата на Екрем ал Аџури, командантот на „Исламски џихад“ во Сирија. Тој го преживеа нападот, а загинаа две лица, меѓу кои и неговиот син.