17 Ноември 2016•Ажурирај: 18 Ноември 2016
МИЛАНО (АА) - Меѓународната организација за миграции (ИОМ), денес соопшти дека четирите бродоломи во Медитеранското Море во последните 60 часа, во кои загинаа или исчезнаа околу 340 мигранти, ја направија 2016 година најсмртоносна за мигрантите кои се одлучуваат за опасното патување кон Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на ИОМ, оваа година, во обид да го преминат Медитеранот загинаа или исчезнаа повеќе од 4.500 мигранти. Минатата година, која претходно беше најсмртоносната дотогаш, пријавени беа 3.770 настрадани или исчезнати лица.
Како што кажаа од ИОМ, смртноста расте, пред сѐ, бидејќи криумчарите без оглед на лошите временски услови, не се откажуваат од испраќањето на мигрантите на опасниот пат преку морето.
„Она што е шокантно е суровоста. Трговците ги тераат луѓето да заминуваат, без оглед на лошите услови на море. Кога ќе дојдат до плажите, мигрантите што не сакаат да одат се принудувани да се качат на бродот, дури и со сила. Трговците сметаат дека откако платиле, не можат да се вратат“, изјави Флавио Ди Џакомо, портпаролот на италијанскиот оддел на ИОМ.
Фронтекс, Агенцијата на Европската Унија за безбедност на надворешните граници, наведува дека рекордни 27.500 мигранти се спасени и доведени во Италија само во октомври оваа година. Тоа е најголем месечен прилив на мигранти во централниот Медитеран од кога било и двапати поголем број отколку во претходните месеци.
Досега, оваа година во Италија стигнаа речиси 160.000 мигранти, што е за 13 отсто повеќе во однос на минатата година.