Ekipa
03 Април 2021•Ажурирај: 04 Април 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Иран го отфрли предлогот на Соединетите Американски Држави (САД) за постепено укинување на санкциите воведени од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, соопшти денес иранското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Дефинитивната политика на Исламската Република Иран е укинување на сите санкции на САД, без оглед дали станува збор за санкциите што Трамп повторно ги воведе по повлекувањето од Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) [познат како ирански Нуклеарен договор] или оние што тој ги иницираше, како и санкциите наметнати под кој било друг назив“, истакна портпаролот на Министерството, Саид Хатбизаде, во изјавите пренесени од „Прес ТВ“.
Хатбизаде рече дека според американскиот предлог, Техеран за возврат мора да ја покаже својата посветеност на нуклеарниот договор.
САД и Иран се во несогласици околу тоа кој прв треба да се врати кон почитување на договорот, а администрацијата на Бајден континуирано тврди дека ќе ги исполни своите обврски само откако тоа го стори Техеран.
Тој став не е почетна точка за иранските претставници, кои се на ставот дека бидејќи Трамп прв го напушти договорот, САД се тие кои првин мора да ги тргнат санкциите, а потоа Техеран да се врати на договорот.