Ahmet Dursun
03 Ноември 2021•Ажурирај: 04 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Иран соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) се обиделе да запленат ирански танкер со нафта во Арапското Море, но не успеале во тоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на иранската државна телевизија, САД заплениле танкер со иранска нафта во Арапското Море, и откако нафтата што ја превезувал танкерот ја натовариле во друг танкер, го однеле танкерот во некое непознато место.
Меѓу другото, во веста се нагласува дека Армијата на револуционерната гарда со хеликоптер слетала на танкерот запленет од страна на САД и дека припадниците на Револуционерната гарда ја презеле контролата врз танкерот, а потоа танкерот го пренасочиле во иранските територијални води.
Исто така, се наведува дека американската морнарица се обидела да интервенира со неколку хеликоптери и воени бродови за да го врати танкерот, но не успеала во тоа.
Се нагласува дека танкерот сега е донесен во иранските територијални води и дека снимката од инцидентот ќе биде споделена за кратко време.