Mustafa Melih Ahıshalı
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Иран, Абдурреза Рахмани Фазли, по санкциите воведени кон неговата земја, им се закани на европските земји со бегалци и дрога, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иранската студентска новинска агенција (ISNA) јавува дека Рахмани Фазли имал обраќање на состанокот организиран во Техеран по повод Меѓународниот ден на борбата против злоупотреба и криумчарење на дрога.
Тој истакна дека во Авганистан годишно се произведуваат над 9 тона дрога и дека доколку не се бори против неа, би можела да прерасне во голем проблем за светот.
Тој се осврна и на бегалците од Сирија кон Европа.
„Видовме по Сирија колкава врева предизвика мигрирањето на одреден број бегалци кон Европа. Ако ги затворам очите на 24 часа, во западните земји ќе отидат милион бегалци“, истакна министерот.
Тој порача дека и во период кога се зајакнати санкциите кон Иран, Западот не му ја пружил потребната поддршка во борбата против дрогата.
„Санкциите беа изговор зошто не ни ја дадоа потребната опрема за борба против дрогата. Го велам тоа како предупредување: Иран да затвореше очи на 24 часа, преку иранската граница кон Западот би поминале 5 тона дрога“, додаде тој.
Неговите коментари следуваат во време кога иранската администрација во Европа истовремено води состаноци поради американските санкции.
Иранскиот претседател Хасан Рохани престојува во Швајцарија.
„Американската администрација истакна дека на Иран нема да му дозволи извоз на ниту една капка нафта. Тоа значи дека целиот регион нема да може да извезува. Доколку Иран не може да извезува, зарем регионот би можел? Доколку тоа го направите, ќе сносите последици“, истакна Рохани.