Büşra Nur Çakmak
16 Септември 2026•Ажурирано: 16 Септември 2026
Иранските ракетни и нападите со беспилотни летала предизвикале големи оштетувања на американските воени позиции низ Блискиот Исток, вклучително и на објекти, возила и летала, објави „Си-би-ес њус“ вчера, повикувајќи се на новообјавени фотографии, јавува Анадолу.
Фотографиите, кои за „Си-би-ес њус“ ги доставиле припадници на американската војска под услов да останат анонимни поради воените ограничувања за медиумско известување, покажуваат оштетувања на неколку американски позиции во регионот.
„Ова се големи оштетувања на нашите бази за кои американската јавност не е информирана“, изјавил еден од припадниците на војската за телевизијата. „Стоиме таму со затворени очи додека нè удираат в лице.“
На една од фотографиите од воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија се гледа, како што опиша „Си-би-ес њус“, директен погодок во задниот дел на авион „Боинг E-3 Сентри“, при што опашката е откината од изгорениот труп на леталото.
На други фотографии од базата се гледаат сериозно оштетени објекти и касарни, заедно со бетонски бариери „Т-ѕидови“, кои првенствено се наменети за заштита од закани како гранати и минофрлачки оган.
На фотографиите од кампот „Буринг“ во Кувајт, кој претставува значаен пункт за распоредување на припадниците на американската Армија, оклопни возила и одредени летала, исто така се гледаат големи оштетувања, се наведува.
Фотографиите се објавени во период кога генералниот инспектор на американското Министерство за одбрана објави извештај во кој се проценува дека загубите на опрема во војната со Иран достигнале до 3,7 милијарди долари, вклучително и речиси 60 летала.
Во задолжителниот извештај доставен до Конгресот, генералниот инспектор наведе дека американската Централна команда пријавила ирански напади врз американските бази во Кувајт, Бахреин, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Ирак, Оман и Јордан.
Пентагон не одговори на барањето на „Си-би-ес њус“ за коментар.
„Ова не се ‘свиркачи’ што успеваат да се провлечат“, изјавил војникот, користејќи го терминот што го употреби американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет по нападот на пристаништето Шуаиба во Кувајт на 1 март, во кој загинаа шест американски војници.
„Ние не ги браниме овие бази. Само гледаме како се уништуваат“, додал припадникот на војската.