Ekip
04 Април 2019•Ажурирај: 05 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - Ирската полиција (Gardai) ќе дозволи носење марама и турбан како дел од настојувањето да вработи повеќе припадници од етничките и малцинските заедници во своите редови, јавува Anadolu Agency (AA).
Според новата кампања за вработување, припадниците на малцинските заедници во Ирска ќе бидат охрабрени да се приклучат на полицијата бидејќи промените во униформите ќе ги земат предвид религиозните сфаќања и барања.
„Со цел да ги охрабриме кандидатите од малцинските заедници, An Garda Síochána има намера униформите да ги измени, земајќи ги предвид религиските и етничките барања“, се вели во соопштението на полицијата.
„На пример, An Garda Síochána ќе дозволи носење турбан за припадниците на заедницата на Сиките и хиџабот за припадниците на муслиманската заедница. Garda Síochána ги идентификуваше овие работи како голема пречка за луѓето кои сакаат да станат припадници на гардата“, се додава од полицијата.
Овој пристап, според ирската полиција, е во согласност со веќе усвоената практика во полициските служби на Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд и Канада, како и њујоршката полиција во САД.
„Топло ја поздравувам одлуката на комесарот за промените во униформата на Garda, со цел приспособување на религиозната и етничка разновидност“, објави ирската државна телевизија РТЕ (RTE), цитирајќи го министерот за правда, Чарли Фланаган.
„Garda Síochána постои за да им служи на сите припадници на нашето општество, затоа е важно таа да одразува едно добредојде и да претставува одраз на растечката разновидност на животот во Ирска. Ги повикувам припадниците на нашите малцинства и новите заедници да размислуваат за аплицирање, бидејќи на Ирска ѝ е потребна разновидност на работната сила во сите наши јавни служби“, додаде тој.
Иако полициските сили претежно ги сочинуваат белци од ирско-католичко потекло, во последниве години е забележан раст на разнообразноста, со зголемениот број вработувања на лица од различно културно и етничко потекло.