Ekipa
01 Март 2016•Ажурирај: 01 Март 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) приливот на бегалци од Блискиот Исток во Европа го сметаат како "глобален проблем", рече американскиот државен секретар Џон Кери по средбата со германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, јавува Anadolu Agency (AA).
"Тоа не е проблем на некој друг. Тоа е тест за сите нас", рече шефот на дипломатијата на САД, на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега.
САД ја сметаат бегалската криза за глобален проблем. Првиот удар очигледно го почувствуваа Јордан, Либан и Турција. Тие поднесуваат неверојатен товар повеќе од четири години, колку што трае војната, рече Кери.
Тој истакна дека приоритет е ангажманот за политичко решение во Сирија со кое би се ставило крај на војната и би се запрел приливот на бегалци.
Европа се соочува со најголемата бегалска криза по Втората светска војна. Во бегство од војната и сиромаштијата во Сирија, Авганистан, Ирак и други земји во регионот, бегалците и мигранти во Европа одат исклучиво на опасен начин.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) рече дека во Европа во 2015 година по копнен и морски пат пристигнале 1.005.504 бегалци, додека од почетокот на 2016 година досега на европското тло поминале повеќе од 100.000.