Gamze Türkoğlu Oğuz
31 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Познатото лице од светскиот џет-сет, Ким Кардашијан, го замоли американскиот претседател Доналд Трамп да ја помилува Алис Мери Џонсон, која во 1996 година беше осудена на доживотен затвор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп на Твитер напиша дека средбата со Кардашијан била фантастична, а познатата дива од насловните страници на американските списанија му се заблагодари на претседателот за приемот.
„Се надевам дека претседателот ќе ја помилува Алис Мери Џонсон која е прва осудена што служи доживотна затворска казна по пресуда за трговија со дрога, а на која тоа ѝ е прво кривично дело“, порача Кардашијан.
Џонсон во 1996 година, поради учество во пренесување пораки меѓу произведувачите и трговците на дрога е осудена на доживотен затвор без можност за предвремено излегување на слобода.
Таа се смета за примерен затвореник и учествува во голем број програми во затворот, а нејзиниот случај го привлече вниманието на јавноста неодамна со објавената видеоснимка за нејзиниот случај.
Најмалку 70 невладини организации, исто така, упатија молба до американскиот претседател Доналд Трамп за нејзино помилување.
Американските медиуми јавуват дека и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, веќе со месеци разговарал со Кардашијан за случајот на Џонсон.