Islam Uddin
19 Септември 2024•Ажурирај: 24 Септември 2024
АНКАРА (АА) - Кина денес го повика Израел да ја запре изградбата на нелегални населби на окупираниот Западен Брег и да ја спроведе резолуцијата на Обединетите нации (ОН) за прекин на огнот во Појасот Газа, објавија државните медиуми, пренесува Анадолу.
Говорејќи пред новинарите во Пекинг, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, рече дека земјите треба да заземат одговорен став и да преземат конкретни акции за да го промовираат имплементирањето на резолуциите на ОН.
„Сите страни, особено Израел, треба сериозно да ги имплементираат релевантните резолуции на Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН, веднаш да ги прекинат воените операции во Газа и да ги запрат активностите на нелегалните населби на Западниот Брег“, рече Лин Џијан, објави „Глобал тајмс“.
Генералното собрание на ОН во средата усвои значајна резолуција со која се повикува да се стави крај на израелската окупација на палестинските територии во рок од една година.
Резолуцијата, предложена од Палестина, беше усвоена со голем консензус, 124 земји членки гласаа за, 14 против и 43 воздржани.
Со резолуцијата се бара повлекување на Израел од окупираните територии, вклучително и Источен Ал-Кудс (Ерусалим), како што е наведено во советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од јули 2024 година.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Оттогаш во израелските бомбардирања и гранатирања на Појасот Газа се убиени повеќе од 41.270 Палестинци, главно жени и деца.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.