Ekipa
26 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
САНТА АНА
Пациент на југот од Калифорнија е трето лице во Соединетите Американски Држави кај кое е дијагностициран новиот коронавирус од Кина, објавија официјалните американски здравствени претставници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Центрите за контрола на болеста потврдија дека патник од кинескиот град Вухан, центарот на епидемијата, бил позитивен на вирусот“, соопшти Здравствената агенција на округот Оринџ.
Во соопштението се истакнува дека пациентот се наоѓа во карантин и дека е во добра здравствена состојба.
Ова е прв случај на овој вирус во Калифорнија, кој претходно е откриен во сојузната држава Вашингтон на 21 јануари и во Чикаго на 24 јануари. И во двата случаи, пациентите патувале во Кина.
Новинската агенција „Синхуа“ го објави податокот на кинеската Национална здравствена комисија, која потврди дека бројот на смртно настрадани од епидемијата на коронавирусот во Кина се искачил на 56 лица.