Associated Press
07 Март 2022•Ажурирај: 08 Март 2022
ПЕКИНГ
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денес ја нарече Русија „најважниот стратешки партнер на Пекинг“, одбивајќи повторно да го осуди рускиот напад врз Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ванг Ји рече дека врските на Кина со Москва претставуваат „еден од најважните билатерални односи во светот“.
„Без разлика колку е опасен меѓународниот пејзаж, ние ќе го задржиме нашиот стратешки фокус и ќе го промовираме развојот на сеопфатно кинеско-руско партнерство во новата ера“, рече Ванг на прес-конференција.
Кина застана на страната на Русија по нападот на Украина, иако САД, Европската унија и нивните сојузници воведоа бројни санкции кон Москва.
Кина тврди дека треба да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите нации, но дека санкциите покренуваат нови прашања и го нарушуваат процесот на политичко решение.
Големо внимание беше посветено на средбата меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг на 4 февруари, по што беше објавена нивната заедничка изјава, во која се потврди „силната меѓусебна поддршка за заштита на нивните суштински интереси“.
Најмалку 364 цивили се убиени и 759 ранети во Украина откако Русија започна војна против оваа источноевропска држава на 24 февруари, информираа Обединетите нации (ОН).
Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) соопшти дека повеќе од 1,5 милиони бегалци ја напуштиле Украина и преминале во соседните земји, наведувајќи дека тоа е најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна.
УНХЦР предупреди дека доколку ситуацијата во Украина дополнително ескалира, до четири милиони цивили би можеле да ја напуштат земјата.