ИСТАНБУЛ
Водечката кинеска технолошка компанија „Шјаоми“ (Xiaomi) денес заедно со компанијата за електроника „Салкомп“ отворија производствени капацитети во Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата во февруари го објави својот план за отворање фабрика во Турција со инвестиција од 30 милиони долари.
Во пораката испратена на церемонијата за отворање, претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција нуди значајни можности за странските инвеститори поради нејзината динамична работна сила и стратешката локација.
Турција е четврта земја во светот каде што брендот има производствени капацитети.
„Турција е отворена за барањата на странските инвеститори за изградба на истражувачки, развојни и дизајн-центри во земјата“, нагласи тој.
„Фабриката, која се простира на површина од 14.000 квадратни метри, ќе има капацитет да произведува пет милиони уреди годишно и ќе отвори 2.000 работни места“, истакна турскиот претседател.
- Над 100 продавници во Турција до крајот на 2021 година
Винсент Чанг, шефот на „Шјаоми“ во Турција, изјави дека компанијата сака да стане бренд број еден на паметни телефони во Турција, како според продажбата така и според задоволството на клиентите.
„Во овој контекст, имаме за цел да имаме повеќе од 100 од овие продавници во Турција пред крајот на оваа година“, рече тој.
Тој, исто така, рече дека она што е најважно е дека фирмата ќе обучи персонал за да има искусна работна сила во производството на паметни телефони, што е важно за високотехнолошкото производство во земјата.
Травел Кју, потпретседател на „Салкомп“, рече дека неговата компанија е активна во Кина, Индија и Јужна Америка, додавајќи: „Сега сме во Турција, јас сум многу возбуден со ова проширување.“
Тој рече дека компанијата има за цел да ја донесе својата модерна технологија на локалниот турски пазар.
- Турција, вистинско место за инвеститорите
Министерката за трговија, Рухсар Пекџан, рече дека инвестицијата на „Шјаоми“ во Турција не е изненадувачки потег.
„Турција е вистинското место за инвеститорите, производителите и извозниците“, рече таа во видеопорака.
Потсетувајќи дека Турција нуди значителна поддршка и стимулација за компаниите, таа истакна дека благодарение на оваа поддршка земјата ќе продолжи да претставува центар за привлекување на меѓународните инвеститори.
„Шјаоми ќе биде важен акционер во турската економија“, додаде таа.
Турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, исто така испрати видеопорака, нарекувајќи ја инвестицијата на „Шјаоми“ „пресвртница“ во правењето на Турција глобална база за производство на мобилни телефони.
„Тоа ќе даде значителен придонес во турската економија“, тврди тој.
„Во ерата на постпандемијата, регионалната трговија и близината до изворите на снабдување се многу важни“, рече тој, додавајќи дека одлуките за инвестиции на глобалните технолошки компании се резултат на поддршката и стимулациите на Турција.
„Опо“ (Oppo), друг кинески производител на мобилни телефони, неодамна започна со производство во Турција.
- Турција да стане глобален центар за производство
Мехмет Фатих Качир, заменик-министерот за индустрија и технологија, рече дека инвестицијата на „Шјаоми“ е резултат на чекорите што ги презедоа министерката за трговија Рухсар Пекџан и Канцеларијата за инвестиции на турското Претседателство.
„Додека околу 12 милиони мобилни телефони се продаваат годишно во Турција, само мал дел од нив се произведуваат на локално ниво“, рече тој на свеченото отворање.
Качир посочи дека Турција е база за производство од повеќе полиња на глобално ниво, наведувајќи дека Турција била најголемиот производител на железо/челик во ЕУ и седма во светот минатата година.
„Мултинационалните компании имаат за цел да ги диверзифицираат производствените места и да создадат алтернативни производствени бази“, рече тој, додавајќи дека е неизбежно Турција да стане значаен производствен центар во светот.
Тој истакна дека „Шјаоми“ најверојатно ќе ја зголеми својата работа во Турција во наредниот период.
Омер Фатих Сајан, заменик-министер за транспорт и инфраструктура, рече дека Турција има важен потенцијал во технолошкото поле благодарение на младата популација и дека обезбедува важни капацитети за технолошките компании кои сакаат да инвестираат во Турција.
Тој рече дека фабриката на „Шјаоми“ ќе ја подобри технолошката инфраструктура во земјата.
Омер Абдулах Караѓозоглу, шеф на Турската управа за информатички и комуникациски технологии, рече дека Турција е центар за привлекување за меѓународните компании со својата географска позиција и динамична работна сила.
„Големите компании бараат акционери што ќе ја подобрат нивната конкурентска моќ и Турција нуди можности во овој момент“, рече тој.