Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
30 март 2022•Ажурирај: 31 март 2022
АНКАРА (АА) - Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев, главниот град на Украина, денеска ги негира извештаите за повлекувањето на руските сили од градот, велејќи дека борбите се обидуваат да го обезбедат идното место на Украина во европското семејство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во онлајн обраќањето до Работната група на Европската Унија (ЕУ) за Украина, Кличко рече дека сирените се слушале цела ноќ и дека претходниот ден се слушнале „огромни експлозии“ од источниот и северниот дел на главниот град, додека „се водат борби“ во регионот.
Градоначалникот на Киев изјави дека Украина сака да биде независна, дел од европското семејство и демократскиот свет.
„Руските војници се борат за пари и се многу добро платени. Но ние се бориме и ги браниме нашите семејства, деца, нашата иднина. Се бориме и за секого од вас бидејќи ги имаме истите принципи како ЕУ“, рече тој.
Кличко истакна дека неговата земја „не ја разбира позицијата на некои политичари во Европа“.
„Од една страна, тие се против војната. Од друга страна, тие продолжуваат да комуницираат со Русија“, рече тој, додавајќи дека иако санкциите на ЕУ против Русија се ефективни, сите деловни врски со Русија треба да се прекинат бидејќи руските пари се извалкани од „крвта на украинскиот народ“.
Според неговите зборови, светот во моментов е црно-бел.
„И вие или ја поддржувате слободата и принципите и вредностите и мирот во Украина, или ја поддржувате агресијата на Руската Федерација“, рече Кличко.
Градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј, изјави дека од почетокот на војната се убиени најмалку 145 деца.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остри реакции кај меѓународната заедница, а Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу другите, применуваат строги економски казни за Москва. Стотици глобални компании, исто така, ја прекинаа работата во Русија.
Најмалку 1.179 цивили загинаа, а 1.860 се ранети, според проценките на Обединетите нации, и според кои, вистинската бројка е веројатно многу поголема. Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4 милиони Украинци избегале во други земји.