Elena Teslova
30 Март 2022•Ажурирај: 31 Март 2022
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека во текот на изминатиот ден, уништени се 64 воени објекти во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
На дневниот брифинг во Москва, портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, рече дека меѓу погодените објекти се четири контролни центри, три системи за противвоздушна одбрана, еден С-300 и два „Бук-M1“, три повеќекратни ракетни фрлачи, две артилериски батерии, две големи складишта за гориво и 49 области со украинска воена опрема.
„Еден борбен авион „Су-24“ на Украина беше соборен во воздушната битка на украинско-белоруската граница, додека руските системи за противвоздушна одбрана соборија 10 украински беспилотни летала“, рече тој.
Додаде дека вкупно, од почетокот на специјалната воена операција, уништени се 124 авиони и 77 хеликоптери, 214 противвоздушни ракетни системи, 321 беспилотно летало, 1.752 тенка и други оклопни борбени возила, 184 повеќеракетни фрлачи, 734 парчиња теренска артилерија и минофрлачи на гранати, како и 1.640 специјални воени возила.
Конашенков рече дека член на еврејската заедница во украинскиот централен град Уман ѝ доставил на руската војска докази дека украинската војска ја претворила градската синагога во упориште, каде што доставува оружје и муниција, а потоа ги маскира во вреќи за ѓубре.
„За превоз на националисти и странски платеници од западните региони од Украина, како што може јасно да се забележи на фотографиите, тие користат автобуси кои се обоени како училишни возила со соодветните знаци „Деца“ на нив“, рече Конашенков.
Тој истакна дека Украинската армија понекогаш користи возила со симболи на ОН и ОБСЕ, а имало и случаи кога оружјето било доставувано во камиони на компанијата за транспорт ДХЛ.
Портпаролот предупреди дека Киев планира да предизвика провокација со синагогата заради политички притисок на еврејските верски организации врз Русија.
Руската војна во Украина, која започна на 24 февруари, беше пресретната од меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги економски санкции кон Москва.
Најмалку 1.179 цивили загинаа во Украина, а 1.860 се повредени, според проценките на ОН, и според кои, вистинската бројка најверојатно е поголема.
Повеќе од 4 милиони Украинци пребегаа во соседните европски земји, а милиони се раселени во земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.