Sena Güler
01 Март 2020•Ажурирај: 02 Март 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Иран се искачи на 54, соопшти денеска иранското Министерство за здравство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Киануш Џаханпур, официјален претставник на Министерството, изјави дека во изминатите 24 часа починале 11, додека пријавени се 385 нови случаи со коронавирус, со што вкупниот број достигна 978 заразени.
„Најголем број од новооткриените случаи се детектирани во Техеран, Маркази, Ком и Гилан“, рече Џаханпур на прес-конференцијата.
Нагласувајќи го наглиот пораст на бројот на потврдени случаи, предупреди дека ситуацијата во Иран е сериозна и апелираше до населението да не патува, особено во областите каде што е детектиран вирусот.
Џаханпур додаде дека 75 пациенти со Ковид-19 биле успешно излекувани и отпуштени од болниците во земјата.
Иран е една од над 50-те земји во светот во коишто вкупно има близу 87.000 потврдени случаи на коронавирус.
Бројот на починати на светско ниво изнесува 2.980, а Кина, од каде што потекнува епидемијата, е најтешко погодена, со близу 80.000 случаи на вирусот и 2.872 смртни случаи.
Светската здравствена организација (СЗО) го зголеми глобалниот степен на ризик од коронавирусот (Ковид-19) од „висок“ на „многу висок“.