Mustafa Keleş
05 јануари 2016•Ажурирај: 06 јануари 2016
ЊУЈОРК (АА) - Амбасадорот на Саудиска Арабија во Обединетите нации, Абдула ал-Муалим, рече дека прекинувањето на дипломатските односи и актуелната криза помеѓу Саудиска Арабија и Иран нема да влијае на процесот на мировни преговори за прекин на конфликтот во Сирија и Јемен, јавува Anadolu Agency (АА ).
"Од наша страна нема да има никакво влијание врз процесот на преговори и ќе продолжиме силно да ги поддржуваме сите иницијативи за воспоставување на траен мир во Сирија и Јемен", рече Муалим.
Истакнувајќи дека Иран и досега видливо не ги поддржувал мировните процеси, тој изјави дека Саудиска Арабија ќе продолжи да присуствува на сите преговори и нема да ги бојкотира поради Иран или поради било која друга причина.
Специјалниот претставник на ОН во Сирија, Стефан де Мистура, во декември објави дека мировните преговори треба да започнат на 25-ти јануари.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, разговараше по телефон со министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија и Иран, и ги повика да ги смират тензиите и надминување на кризата по дипломатски пат.
Иранскиот амбасадор во ОН изрази жалење поради нападот на Саудиските дипломатски претставништва во Иран и рече дека одговорните за инцидентот ќе бидат казнети. Тој потсети дека веќе се уапсени повеќе од 40 демонстранти кои во саботата вечер учествувале во палењето на саудиската амбасада во Техеран.
Саудиските власти во саботата наутро објавија дека се егзекутирани 47 луѓе осудени за тероризам во земјата, меѓу нив и локалниот верски лидер на шиитското малцинство Ал- Нимр. Иран остро го осуди овој потег од страна на властите во Ријад, за време на протестите во истиот ден во Техеран беше запалена Саудиската амбасада и нападнат конзулатот во Машхад.
Поради тоа, Саудиска Арабија ги прекина дипломатските а подоцна и економските врски со Иран. Истото го стори вчера и владата на Бахреин, додека Судан и Обединетите Арапски Емирати ги деградираа билатералните односи со Иран, на ниво на вршители на функцијата за дипломатски односи.
Загриженост за сегашната криза на релација Ријад - Техеран изразија Обединетите нации, Европската унија, САД, Велика Британија и многу други актери на меѓународната заедница. Турција, Кина и Франција повикаа на смирување на тензиите, а Русија изрази подготвеност да ги искористи добрите односи со двете земји и да посредува во решавањето на кризата.