Ikrame Imane Kouachi
25 Октомври 2024•Ажурирај: 26 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Израелската армија изврши серија воздушни напади низ Јужен Либан синоќа и утринава, во кои имаше многу жртви, вклучително и новинари, а уништени се и четири згради, јавува Анадолу.
Според либанската Национална новинска агенција, тројца либански новинари се убиени утринава во израелскиот воздушен напад врз објектот во кој престојувале во Хасбаја, Јужен Либан.
Во областа Марџајун загина едно лице, а две се повредени при напад на селото Дебине околу полноќ, објави агенцијата.
Воздушните напади, исто така, беа насочени кон јужните предградија на Бејрут, уништувајќи четири згради и предизвикајќи масивен пожар што ја прекри областа со густ црн чад, се додава.
Дописниците на Анадолу јавија дека околу 13 воздушни напади биле насочени кон јужните предградија на Бејрут во текот на ноќта.
Израелските воздушни напади продолжија во текот на ноќта врз селата во областите Тир и Бинт Џбеил во Јужен Либан.
Според извештаите на либанските вести, во напад врз селото Мааракех биле повредени неколку цивили што биле пренесени во болниците во Тир.
Израел започна огромна воздушна кампања во Либан минатиот месец против, како што вели, локации на Хезболах што претставува ескалација од едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и групата од почетокот на бруталната офанзива на Израел врз Газа.
Израел го прошири конфликтот оваа година со започнување копнен упад во Јужен Либан на 1 октомври.