Ekipa
15 Октомври 2021•Ажурирај: 16 Октомври 2021
БЕЈРУТ (АА) – Либанската војска објави дека девет лица се уапсени, вклучително и државјанин на Сирија, во врска со пукањето кое се случило вчера во Бејрут, главниот град на Либан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Либанската војска на Твитер соопшти дека ангажирала поголем број припадници во подрачјата каде што се забележани судири.
Се наведува дека војската ги презела потребните мерки за да ја смири ситуацијата и да ги спречи судирите.
Најмалку 6 лица загинаа, а 30 се ранети во четиричасовното насилство во Бејрут, главниот град на Либан, по пукањето кое се случи во текот на протестите на следбениците на движењето Хазболах и движењето Амал, во близина на Палатата на правдата.
Стотици следбеници на двете шиитски групи се собраа за да побараат разрешување на Тарек Битар, судијата кој ја водеше истрагата за смртоносната експлозија на пристаништето во Бејрут минатата година.
Во заедничката изјава која ја дадоа Хезболах и групата Амал, „наоружаната група“, поврзана со партијата Либанска сила, која ја води Самир Геагеа, обвинета е дека стои зад овој напад. Побарано е одговорните за насилството да се изнесат пред лицето на правдата.
Протестот започна неколку часа откако судот ја отфрли тужбата против судијата и му дозволи да ја продолжи истрагата.
Групите го обвинуваат судијата за пристрасност, а водачот на Хезболах, Хасан Насрулах, неодамна кажа дека работата на Битар „вклучува политичко таргетирање и нема никаква врска со правдата“.
Според либанскиот Црвен крст, во насилствата починале 6 лица, а повеќе од 30 се ранети.
Во експлозијата на пристаништето во Бејрут, во август 2020 година починаа над 200 лица, повредени беа околу 6.000, а околу 300.000 останаа без покрив над главата. Експлозијата нанесе голема материјална штета и дополнително ја ослабна веќе слабата економија на Либан.