Mücahit Aydemir
22 Октомври 2020•Ажурирај: 23 Октомври 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Либиецот Мухамед Ебу Аџила Енбис, чиј татко, брат и шура се убиени во Либија од платеници поврзани со руската компанија за безбедност „Вагнер груп“, изјави дека преживеал случајно глумејќи дека е мртов, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста потпишана од Даниел Хилтон, објавена на веб-страницата „Middle East Eye“, 28-годишниот Мухамед истакна дека на 23 септември 2019 година, кога се интензивирале нападите на Калифа Хафтар врз главниот град Триполи, морал да го напушти својот дом.
Мухамед исто така наведува дека по некое време, откако интензитетот на судирите се намалил, и покрај ризиците со кои можел да се соочи, се вратил за да ја провери состојбата на неговата напуштена куќа во Есбија, 50 километри јужно од Триполи.
Тој истакна дека бил забележан и следен од платениците поврзани со „Вагнер“ и дека бил заробен заедно со неговиот татко Ебу Аџила, братот Хусам и шурата Хамза.
Истакнувајќи дека платениците на „Вагнер“ им ги одзеле личните карти и мобилните телефони, Мухамед рече дека борците на себе имале воена опрема и дека меѓу себе зборувале руски јазик.
- „Секој од Русите беше висок и добро граден“ -
Во веста на Даниел Хилтон се истакнува дека семејството, откако бил заробено, за неколку часа било префрлено од едно на друго место.
„Ноќта беше топла. Нѐ држеа зад едно комбе и ни истурија вода врз нашите глави. Водата овозможи завојот со кој ни ги врзаа очите да стане проѕирен. Можев да ги видам нивните светлоцрвени лица и зелени очи. Секој од Русите беше висок и добро граден. Ми се чини дека еден од нив имаше вештачка нога.“
- „Со дожд од куршуми стрелаа врз нас, фрлајќи се на земја се преправав дека сум мртов“ -
Мухамед на крајот истакна дека биле однесени во некоја армирана бетонска куќа на некоја фарма каде што им било наредено да клекнат еден по еден, а рацете и очите им биле врзани.
„Јас бев последниот што клекнав. Потоа со дожд од куршуми стрелаа врз нас, а јас, фрлајќи се на земја, се преправав дека сум мртов“, нагласи Мухамед.
Во веста се додава дека Мухамед преживеал случајно, а другите ги загубиле своите животи.
Исто така во веста се нагласува дека платениците поврзани со групата „Вагнер“ имаат клучна улога во конфликтите во Либија и дека „не може да се каже дека Русија не учествувала во оваа војна“.
- Во Либија има илјадници платеници на групата „Вагнер“ -
Според извештаите на Обединетите нации (ОН) и изјавите дадени од Африканската команда на вооружените сили на САД, се смета дека во Либија има од 2.000 до 2.500 странски платеници кои припаѓаат на „Вагнер“.
Безбедносната компанија „Вагнер“, која најмногу се спомнува во врска со интервенцијата во Либија, е на Евгениј Пригожин, познат како „готвачот“, бидејќи ја води кујната во Кремљ.
САД во своите изјави дадени претходни директно ја обвинија московската администрација за присуството на „Вагнер“ во Либија.
Информациите добиени од либиски воени извори исто така потврдуваат дека Русија изградила „воздушен мост“ за испорака на платениците и воената поддршка на Хафтар.
Екипата на Агенција Анадолија на ѕидовите на цивилните домови на југот од Триполи, од каде што се повлече милицијата на Хафтар, сними воени информативни белешки напишани на руски јазик.
Исто така руските книги и производите од руско потекло кои беа запленети таму, потврдуваат за присуството на „Вагнер“ во Либија.
Платениците на „Вагнер“ се сметаат за најголема закана за спасувачките операции на либиската Армија во крајбрежниот град Сирт и во воздухопловната база „Џуфра“ на југоистокот на Триполи.