Sena Güler
13 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
ТРИПОЛИ
Воздушните елементи на либиската Армија за 24 часа три пати ја нападнаа воздушната база „Ватија“, којашто е окупирана од силите лојални на одметнатиот командант Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на либиската Армија, потполковник Мухамед Кунуну, изјави дека воздушните напади биле спроведени против милициите на Хафтар и врз воени возила.
Тој рече дека во централните и западните области биле спроведени извидувачки летови со цел да се набљудува движењето на милициите на Хафтар во полето.
Воздушната база „Ватија“ е клучна база во Либија која милитантните на Хафтар ја окупираа во 2014 година.
Токму таа база Хафтар ја користи како засолниште од кое раководи со нападите врз Триполи и другите либиски региони.
Хафтар ги интензивираше нападите врз цивилите од почетокот на мај, при што либиската Армија неодамна направи напредок и им нанесе тешки загуби на неговите милиции.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога Моамер ал Гадафи беше соборен од власт и убиен.
Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи ужива поддршка од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно ги поддржуваат Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).