Afra Aksoy
20 Август 2018•Ажурирај: 21 Август 2018
ТРИПОЛИ (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека во судирите што се случија од почетокот на 2018 година досега во Либија, животот го загубија над 130 цивили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Марија Рибеиро, координаторка за хуманитарна помош на ОН во Либија, во писмено соопштение по повод Светскиот ден на хуманитарната помош истакна дека продолжуваат да ја изразуваат болката на цивилите погодени од судирите, и упати честитки до лицата што вршат активности во областа на хуманитарната помош за нивната храброст.
Рибеиро укажа на тешките животни услови на кои се изложени либиските семејства. „Во судирите што се случија од почетокот на 2018 година досега, во Либија загинаа најмалку 130 цивили, меѓу кои и деца“, рече таа.
Осврнувајќи се на состојбата на жените, Рибеиро истакна дека жените и девојчињата кои се без заштита од сексуално насилство, се соочуваат со големи ризици.
Рибеиро рече дека и покрај опасностите и заканите, здравствените работници продолжуваат да им помагаат на ранетите и болните, упатувајќи апел до сите вооружени групи во земјата за заштита на цивилите во судирите, во рамки на тоа да се направи разлика меѓу цивилните и воените цели.
Според неа, треба да се заштитат и исполнат потребите на цивилите, меѓу кои има бегалци и мигранти.