Selen Temizer
09 Септември 2023•Ажурирај: 10 Септември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Шефови на институции на Европската унија (ЕУ) испратија пораки на солидарност и сочувство по земјотресот со интензитет од 7 степени кој го потресе Мароко, известува Анадолу.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на социјалните мрежи објави порака на поддршка.
„Со сето срце стојам покрај народот на Мароко, кој беше погоден од страшен земјотрес, кој синоќа однесе стотици животи. Моите мисли се со семејствата на загинатите, повредените, на кои им посакувам брзо закрепнување, и со сите кои им укажуваат помош на луѓето погодени од потресот“, рече Фон дер Лајен.
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, исто така, испрати порака на солидарност со народот на Мароко.
„Моите мисли се со сите луѓе кои се погодени од оваа трагедија и со спасувачите кои учествуваат во акциите за претрага. ЕУ е подготвена да го поддржи Мароко во овие тешки моменти“, рече Мишел.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел, истакна дека ЕУ е подготвена на Мароко да му ја пружи потребната помош.
„Моите мисли се со народот на Мароко кој е погоден од страшен земјотрес“, рече Борел.
Најмалку 632 лица загинаа, а 392 се повредени во силниот земјотрес кој го потресе Мароко, соопшти денес мароканското МВР.
Смртни случаи во земјотресот со магнитуда од 7 степени се забележани во повеќе региони, вклучувајќи ги и провинциите Ал Хауз и Маракеш, како и во градовите Азилал, Уарзазат, Тароудант и Чичауа.
Ова е најсилен земјотрес што ја потресол оваа северноафриканска земја во последните 100 години, соопшти Националниот институт за геофизика на Мароко.
Геолошкиот завод на САД објави дека епицентарот на земјотресот, кој се случи во 23:10 часот по локално време, бил 75 километри југоисточно од Маракеш, на длабочина 18,5 километри.
Ситуацијата е посебно тешка во регионот Маракеш, каде бројни згради се урнати и голем број жители се под урнатините.
Земјотресот, исто така, се почувствува и во соседните земји Алжир и Мавританија.