Ahmet Gençtürk
25 Април 2025•Ажурирај: 26 Април 2025
АТИНА (АА) – Литванија го следи она што го предлага Франција и би можела да ја признае палестинската држава, но само „во вистинско време“, изјави министерот за надворешни работи Кестутис Будрис, јавува Анадолу.
Истакнувајќи дека во моментов приоритет треба да се ослободувањето на заложниците и прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската група Хамас, Будрис рече дека тоа вклучува „стабилизирање на процесот и изработка на Мапа на патот, а дел од тоа сигурно мора да биде палестинска држава“ во интервјуто за Жиниу Радијас.
„Што се однесува на тоа кога да се признае, Литванија секако го следи она што го предлага Франција и одлуките на другите држави. Кога ќе има мнозинство од нив, кога ќе видиме дека е вистинско време, сигурно ќе го разгледаме и тоа“, додаде тој.
Истакнувајќи дека владината програма предвидува поддршка на дводржавно решение, Будрис рече: „Веруваме дека такво решение би обезбедило стабилност и мирен соживот меѓу Израел и Палестина и верувам дека ќе го постигнеме тоа. Но прашањето е кога треба да се направи тоа и под кои услови и како ќе придонесе за подобрување на сегашната ситуација што долго време е на раб на трагедија.“
Претходно овој месец францускиот претседател Емануел Макрон објави дека Франција планира да ја признае палестинската држава и дека би можела да го стори тоа уште во јуни.
„Мора да се движиме кон признавање и ќе го сториме тоа во наредните месеци“, изјави тој за телевизијата Франс 5.
„Не го правам тоа за единство или за да му угодам на ова или на она лице. Го правам тоа затоа што во одреден момент тоа ќе биде фер“, додаде тој.
Франција планира да биде кодомаќин на меѓународна конференција со Саудиска Арабија за дводржавно решение за израелско-палестинскиот конфликт во наредните месеци.
Во моментов 147 од 193 земји членки на Обединетите нации ја признаваат Палестина како држава.