Ömer Faruk Yıldız
22 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
КУАЛА ЛУМПУР - Премиерот на Малезија, Мухидин Јасин, испрати видеопорака до настанот на високо ниво организиран како дел од 75-годишнината на ОН, во која се осврна на новиот тип коронавирус (Ковид-19) и на меѓународните проблеми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Мухидин го започна својот говор со честитки упатени до Волкан Бозкир, претседателот на 75. Генерално собрание на ОН. Осврнувајќи се на договорите што ОН досега ги имаат потпишано за заштита на човековите права, Мухидин истакна: „За жал, во последните години сведоци сме дека некои земји не ги земаат предвид овие договори. Се надеваме дека ќе се откажат од ваквиот став.“
- Вакцината за Ковид-19 треба да биде достапна за сите општества -
Во врска со Ковид-19, Мухидин ја даде следната проценка: „Пандемијата однесе премногу животи и го покажа својот ефективен капацитет врз здравствената политика на земјите од светот. Социјалните и економските ефекти на Ковид-19 беа исто така многу сериозни. Доколку вакцината биде пронајдена, мора да се осигуриме дека ќе биде достапна за сите земји и општества. Не треба да се прави разлика во овој поглед. Не смееме да заборавиме дека пандемијата воопшто не прави разлика низ светот. И ние не треба да правиме дискриминација во нашите напори за спречувањето на пандемијата.“
Потенцирајќи дека ОН се единствената меѓународна организација каде што можат да се соберат сите земји, Мухидин истакна: „Факт е дека во текот на својата 75-годишна историја, Организацијата направила важни работи во повеќе области, особено во социјалниот и економскиот развој. Но покрај тоа, мора да признаеме дека ОН не успеаја да ги спасат нашите генерации од злото на војната.“
- Повик за реформи во ОН -
Премиерот на Малезија во својата видеопорака рече дека и денес многу луѓе се жртви на војните и внатрешните конфликти, кои сè уште не се решени и додаде: „Обединетите нации треба да одат напред по ова прашање. За да се направи тоа, Организацијата мора да помине низ реформи.“
Нагласувајќи дека на светот му се потребни ОН повеќе од кога било, премиерот на Малезија порача: „Од друга страна, ОН треба да бидат подобро структурирани и тоа треба да се постигне не само во политичката рамка, туку земјите членки треба да обезбедат континуирана поддршка и во решавањето на проблемите во светот.“
Мухидин го заврши својот говор со желба земјите членки на ОН да соработуваат во подготовката на подобра иднина за следните генерации.