Ekipa
18 Октомври 2019•Ажурирај: 20 Октомври 2019
ПУЕРТО ВАЛАРТА (АА) - Мексиканските власти соопштија дека во Кулиакан, главниот град на западната држава Синалоа, го уапсиле Овидио Гузман Лопез, синот на озлогласениот наркобос, Хоакин Арчивалдо Гузман Лоера, т.н. „Ел Чапо“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за јавна безбедност на Мексико, Алфонсо Дуразо, на прес-конференција истакна дека организираните криминални групи потоа нападнале неколку места за да создадат паника во Кулиакан.
На видеоснимките и фотографиите објавени на социјалните медиуми се прикажани вооружени лица и запалени камиони. На многу видеоснимки, во заднина се слушаат постојани престрелки.
Според наводите на локалните медиуми, во пресрет на хаосот, од затворот побегнале меѓу 20 до 30 затвореници.
Локалните власти го предупредуваат населението да не изглегува на улиците, додека престрелките продолжуваат.
„Се обидуваме да ја вратиме безбедноста во Кулиакан. Ве молам, сите да останете безбедни и да бидете внимателни“, напиша на социјалната мрежа Твитер, Кирино Ордаз Копел, гувернерот на Синалоа.
Градската управа ја прекина сета настава во училиштата и на факултетите.
Ел Чапо беше уапсен во 2016 година и е во затвор во САД. Тој е поранешен лидер на картелот на Синалоа, кој беше основан во Кулиакан.