Ahmet Gürhan Kartal
27 Ноември 2018•Ажурирај: 28 Ноември 2018
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија по Брегзит ќе има независна трговска политика и ќе склучува трговски договори со земји од целиот свет, изјави денес британската премиерка Тереза Меј, пренесува Anadolu Agency (AA).
Коментарите на Меј се одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека е можно Договорот за Брегзит со ЕУ да ја попречи трговијата помеѓу Вашингтон и Лондон.
„Доколку ја разгледате политичката Декларација, која ги поставува идните рамки на нашите односи со ЕУ, јасно кажува дека ќе имаме независна трговска политика и дека ќе можеме да склучуваме трговски договори, да преговараме за нив со сите останати земји од светот“, изјави Меј за „Скај њуз“ (Sky News).
Таа нагласи: „Што се однесува до САД, веќе разговараме со нив за одреден договор што би можеле да го имаме во иднина.“
Трамп истакна дека Договорот постигнат со Брисел изгледа како одличен договор за ЕУ.
„Сметам дека треба сериозно да го разгледаме (договорот), дали на Велика Британија ѝ е дозволено тргување, бидејќи, ако сега го погледнете, таа можеби нема да може да тргува со нас“, рече Трамп.
Меј е во посета на Велс и Северна Ирска за добивање поддршка за Договорот од бизнис-фелата, во пресрет на гласањето во Парламентот закажано за 11 декември.
Во меѓувреме, лидерката на Демократската унионистичка партија на Северна Ирска, Арлин Фостер, за „Би-би-си њуз“ (BBC News) изјави дека посетата на Меј е губење време и ја обвини премиерката дека се откажала од обидите да обезбеди подобар договор за Северна Ирска.
Таа во неколку наврати истакна дека нејзината партија ќе се спротивстави на овој Договор за повлекување од ЕУ и на политичката Декларација потпишани со ЕУ, и покрај пактот за доверба, потпишан со водечата Конзервативна партија.
Британската Конзервативна партија беше принудена да потпише договор за парламентарно здружување со Демократската унионистичка партија на Северна Ирска, откако го изгуби парламентарното мнозинство по минатогодишните предвремени избори.
Долниот дом на британскиот Парламент во врска со Договорот за повлекување од ЕУ и за политичката Декларација ќе гласа на 11 декември.
Инаку, Велика Британија треба да ја напушти Унијата на 29 март 2019 година.