Riyaz Khaliq Khaliq
01 Февруари 2024•Ажурирај: 01 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – Кина, која годинава одбележува 75 години од своето основање, е подготвена да соработува со другите земји за мирот и безбедноста, изјави кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, јавува Анадолу.
„Кина е подготвена да работи со сите земји за да ги зацврсти темелите на мирот и безбедноста, да ги здружи силите за пријателство и соработка, да го следи вистинскиот пат на мултилатерализмот и да изгради иднина на развој и просперитет“, порача Ванг Ји, во обраќањето на средбата со странските амбасадори во Пекинг.
Тој рече дека тековната година е „клучна за унапредување на кинеската модернизација на сите фронтови“.
„Изградбата на заедница со заедничка иднина за човештвото е благородната цел што Кина ја следи во својата дипломатија на големите земји со кинески карактеристики за новата ера“, рече Ванг на новогодишниот прием синоќа, соопшти Министерството.
Потсетувајќи се на дипломатските активности на Кина минатата година, Ванг рече дека дипломатската служба на Пекинг „се соочи со предизвиците и напредуваше со големо чувство за одговорност“.
„Кина остана посветена на дијалогот и соработката, служеше како цврст столб во здравите интеракции меѓу големите земји и дејствуваше врз принципите на пријателство, искреност, заемна корист и инклузивност“, порача тој.
„Кина“, истакна Ванг, „како постојана членка на Глобалниот југ, се стреми кон прогрес за сите“.
Пекинг „ги поддржува земјите во развој да ја забрзаат нивната модернизација, и Кина ќе остане посветена на отворањето и соработката, и ќе даде нов придонес во глобалниот заеднички развој“, рече Ванг.