Qais Omar Darwesh Omar,Halime Afra Aksoy
01 Февруари 2024•Ажурирај: 01 Февруари 2024
РАМАЛА (АА) - Телата на 30 луѓе, со превез на очите и со врзани раце, вчера беа пронајдени во училиште во Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
Во соопштението на Здружението на палестинските затвореници се наведува дека безживотните тела се пронајдени во локалното училиште што израелските сили претходно го зазеле.
Очевидците изјавија дека убиените лица имале превез на очите и врзани раце, што укажува дека биле заробени.
Здружението на палестинските затвореници наведе дека ова е „јасен показател дека Израел ги погубил овие луѓе“.
Во соопштението се наведува дека израелските сили веќе 117 дена продолжуваат со злосторствата на геноцид и присилно затворање луѓе во Газа.
Покрај тоа, според сведочењето на Палестинците кои се ослободени во рамките на размената на заробеници, јасно е дека заробениците во израелските затвори се изложени на малтретирање и тортура.
Здружението нагласи и дека Израел одбил да им даде какви било информации на организациите и институциите за човечки права, вклучувајќи меѓународни и палестински организации, за судбината и локацијата на луѓето што се заробени, вклучувајќи ги и луѓето во Појасот Газа.