Furkan Güldemir
31 Октомври 2016•Ажурирај: 01 Ноември 2016
БЕЈРУТ (АА) - Во 46. обид Парламентот на Либан денес успеа да го исполни кворумот и да ги одржи претседателските избори на кои за нов претседател на земјата е именуван генералот Мишел Аун, јавува Anadolu Agency (AA).
Индиректните претседателски избори во Либан се организирани со максимални мерки за безбедност, а со мнозинството гласови на пратениците за 13. претседател на земјата избран е 81-годишниот Аун.
На денешната 46. седница на Парламентот присуствуваа 127 пратеници од вкупно 128, колку што брои највисоката законодавна институциај на земјата. Аун во вториот круг гласање доби поддршка од 83 пратеници.
Избраниот Аун по гласањето, пред Парламентот положи свечена заклетва како нов претседател на Либан, а на таа позиција ќе остане во следните шест години.
Мандатот на актуелниот либански претседател Мишел Сулејман истече на 25 мај 2014 година, а Парламентот во 45 обиди не успеа да одржи индиректен избор за негов наследник, првенствено поради бојкотот на пратениците кои доаѓаат од редовите на Хезболах.
Длабоката политичка криза во Либан ескалираше поради несогласувањата на двата најголеми политички блока. Алијансата 14. март, отворено ја поддржува револуцијата во Сирија, додека спротивставената Алијанса 8. март ја поддржува политиката на Хезболах и режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Трета политичка опција во Либан е блокот на центарот предводен од Велид Џумблат и поранешниот либански премиер Наџиб Микати.