Michael Hernandez
22 Јануари 2017•Ажурирај: 23 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Коалицијата под водство на САД, која се бори против ДЕАШ, вчера соопшти дека се погодени преку 90 чамци и три товарни бродови со кои членовите на терористичката организација се обидувале да заминат во западен Мосул, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористите на ДЕАШ се обидувале да преминат преку реката Тигар на западниот брег од Мосул, додека ирачките безбедносни сили го ставаат под контрола источниот дел на градот, соопштено е од коалицијата.
Ирачките сили претходно оваа недела презедоа контрола над сите пет мостови кои ги поврзуваат двете страни на градот.
„Веруваме дека ова е очајнички обид за повлекување на борците на ДЕАШ, сега кога ирачките сили го контролираат источниот брег и секој мост во Мосул. Ова е уште еден пример дека коалицијата го поддржува воениот пораз на ДЕАШ со започнувањето на воздушни напади, додека ирачката војска го довршува расчистувањето на источен Мосул”, изјави полковникот Џон Доријан, портпарол на коалицијата.
Во октомври минатата година ирачките сили, со поддршка на коалицијата и локалните сојузници на терен, започнаа опсежна кампања за преземање контрола над Мосул, кој го зазеде ДЕАШ кон средината на 2014 година.