ВАШИНГТОН (АА) - ХАКАН ЧОПУР -
Бегалецот на терористичката организација ФЕТО, Кемал Оксуз, кој во Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) даде лажна изјава за патувањата на членовите на Конгресот што ги организирал самиот, продолжува да игра клучна улога во финансиските работи и процесите за лобирање на ФЕТО во САД, пишува Anadolu Agency (AA).
Откако стана американски државјанин, Кемал Оксуз го смени името и стана „Кевин“. Тој во мрежата на ФЕТО во САД особено е познат по тоа што бесплатно организирал патувања за членовите на Конгресот во некои земји и на тој начин лобирал во името на организацијата.
Оксуз е поранешен претседател на Евроазиско- американскиот совет во американската сојузна држава Тексас, кој е поврзан со ФЕТО. Во Турција има обвинение против него.
- Етичкиот комитет го обвини Оксуз -
Во 2013 година, американското Министерство за правда го обвини Оксуз за кршење на законите при организирањето патување во Азербејџан на некои членови на американскиот Конгрес во 2013 година.
Етичкиот комитет на Претставничкиот дом на САД, во документите што ги подготви за јавноста, го товари Оксуз за лажно сведоштво. Тој, исто така, е обвинет и за користење на парите префрлени од нафтена компанија контролирана од страна на азербејџанската Влада за покривање на патните трошоци на членовите на Конгресот.
Во обвинението подготвено за Оксуз има 5 обвиненија меѓу кои фалсификување и прикривање на финансиските факти и давање лажни изјави во Конгресот.
- Уапсен во Ереван, екстрадиран во САД -
Оксуз беше уапсен во Ереван на 29 август 2018 година како резултат на барањето за екстрадиција од САД. Ерменските власти, спроведувајќи го барањето на САД за екстрадиција, по краток период го вратија Оксуз во САД.
Оксуз, кој беше вратен во САД, во својата прва изјава пред судијата во декември 2018 година призна дека го криел изворот на парите за организирање на патувањето на делегацијата од Конгресот во Азербејџан и дека дал лажна изјава во Етичкиот комитет на Конгресот.
По прифаќањето на сите обвиненија против него, Оксуз беше ослободен со кауција од 50.000 долари, со можност да се брани од слобода.
Американското Министерство за правда соопшти дека иако патните трошоци ги финансирал „SOCAR“, официјалната нафтена компанија на Азербејџан, Оксуз намерно лажел дека не добивал пари од надворешни извори.
- Тој пред судијата призна дека е виновен -
По екстрадицијата во САД, членот на терористичката ФЕТО, Оксуз, во Окружниот суд во Вашингтон пред судијката Тања Чуткан ги прифати обвиненијата и истакна дека жали за тоа.
„Во однос на патувањата на членовите на Конгресот на САД во Азербејџан во 2013 година, Оксуз намерно и свесно го лажел Конгресот“, истакна Обвинителството.
Обвинителот нагласи дека Евроазиско-американскиот совет, чијшто претседател бил Оксуз, во тој период „лобирал“ и дека тоа било против законот, иако Советот спаѓа во категоријата на „непрофитна“ организација.
Адвокатот на Оксуз рече дека неговиот клиент бил свесен дека го кршел законот, дека жали за тоа и дека соработува со судот.
- Одлуката на судијата предизвика низа прашалници -
Според законодавството, се очекуваше Оксуз да биде осуден на 6 до 12 месеци затвор, но од страна на судијата Чуткан беше осуден на 2 години условна казна и парична казна од 20 илјади долари. Тој, исто така, според изречената казна ќе треба да работи 100 часа во јавната администрација.
За време на сослушувањето, внимание привлече тоа што судијката поставувала различни прашања до Обвинителството, а не поставила ниту едно прашање до одбраната. Судијката Чуткан во нејзините изјави во судот постојано зборувала за „должноста да се заштити демократијата и демократските институции“, но не дала никакви оценки за лагите на Оксуз искажани пред Конгресот.
- Оксуз поседува куќа вредна 1,7 милиони долари -
Луксузниот живот на припадниците на ФЕТО, кои пред и по обидот за државен удар на 15 јули избегаа во САД, беше детално прикажан од дописниците на Anadolu Agency (AA).
Познато е дека Оксуз има блиски односи со американските сенатори кои се познати по изјавите дадени против Турција.
Оксуз живее во луксузна вила во градот Арлингтон, во американската сојузна држава Вирџинија, чија вредност се проценува на 1,7 милиони долари.