Ahmet Furkan Mercan
19 Април 2023•Ажурирај: 24 Април 2023
ТОКИО (АА)
- Ахмет Фуркан МЕРЏАН
Муслиманите во Јапонија ги доживеаја радоста и бериќетот на месецот на постот, Рамазан, на ифтарите организирани во џамијата во Токио во кампањата именувана „Еден ифтар нека биде од тебе“, пишува Анадолу.
Имамот на џамијата во Токио, Кура Хафиз Мухамет Рифат Чинар, за Агенција Анадолу (AA) говореше за активностите што ги спроведуваат за време на месецот Рамазан во просторот на џамијата.
Имамот Чинар рече дека ифтарите, кои се прифатени како „симбол“ на џамијата, се одржуваат во салата на Турскиот културен центар на Управата за верски работи на Република Туркије (Дијанет) на просторот на џамијата, на тема „Еден ифтар нека биде од тебе“.
Тој во разговорот рече дека благодарение на локалните и странските спонзори, муслиманите од сите националности, бои и култури се собираат на ифтарската софра во духот на месецот Рамазан.
Потсетувајќи дека јапонската Влада ги намалила протоколите за употребата на маски против Ковид-19, имамот Чинар соопшти дека е значително зголемен бројот на учесници во споредба со минатата година.
- На странците пред ифтарот им се објаснува значењето на постот
Зборувајќи дека значењето на постот им било објаснето на Јапонците кои учествувале на ифтарската софра, имамот Чинар истакна дека петок, сабота и недела се денови во кои имаат најголем број гости.
„Бевме домаќини на околу 15-16 илјади гости, од кои 5-6 илјади беа Јапонци, за време на нашите ифтари организирани во џамијата во Токио“, рече Чинар.

Споделувајќи ја информацијата дека им биле домаќини на повеќе од 200 Јапонци последната сабота на месецот Рамазан, имамот Чинар објасни дека активностите биле збогатени со читање на Куранот (мукабеле) и терави намаз.
- Поддршка за жртвите од земјотресот
Имамот рече дека собрале помош за погодените од катастрофалните земјотреси кои ја потресоа Туркије на 6 февруари и беа опишани како „катастрофа на векот“.
Истакнувајќи дека на џамијата се гледа како на централна точка во собирањето на помошта за погодените од земјотресите, Чинар рече дека помошта од јапонската заедница пристигнала и благодарение на приливот на луѓето за време на месецот Рамазан.

Што поради помошта за погодените од земјотресот, што поради организираните ифтари, Чинар рече дека лица од различни сегменти на јапонското општество ја посетиле џамијата и донирале средства, и истакна дека и туристи од различни земји кои го посетиле Токио, донирале помош за жртвите од земјотресот во Туркије.
Чинар нагласи дека џамијата ја посетиле лица од различни религии и верувања, како будисти, христијани и шинтоисти и донирале средства како помош за жртвите од земјотресот во Туркије.
- Прво рамазанско искуство
Јапонски архитект кој оваа година стана муслиман во џамијата во Токио и го зеде името „Ислам“, рече дека при неговото прво искуство, интензитетот на чувства што ги дава месецот Рамазан го доживеал на екстремните граници.
Стоејќи зад имамот со такија на главата и јапонски превод на Куранот во рацете, Ислам рече дека постепено се навикнал на постот, иако тоа не му успеало првата недела.

Исаму, кој работи со скратено работно време во џамијата, рече дека се зголемени можностите за богослужба на муслиманите за време на Рамазан и додаде дека Јапонците кои ја посетуваат џамијата се запознаваат и со исламската и со турската култура.
- Џамија „Цушима Аја Софија“
Рамазанскиот ентузијазам и радост се почувствуваа и во џамијата „Цушима Аја Софија“, изградена во градот Нагоја, оддалечен 350 километри југозападно од Токио, благодарение на поддршката добиена од организацијата Исламска заедница „Мили Ѓоруш“ (Национално мислење) од Германија.

Седат Шенер, од Управата за верски работи, кој е имам во џамијата „Цушима Аја Софија“, рече дека секој ден се домаќини на најмалку 100 луѓе за време на ифтарските програми што се организираат на просторот на џамијата.
„Имаше луѓе кои иако не беа муслимани, заедно со нашите јапонски соседи, се приклучуваа на ифтарите, при што имавме плоден Рамазан“, рече Шенер.